Тинекс Пролет ја отвори новата суперлигашка сезона со реми на гостувањето против Прилеп (30-30). Избраниците на Јовиќ имаат за што да жалат ако се земе во предвид фуриозниот старт, но за жал темпото не беше задржано, домаќините се вратија, па на крајот моравме да се задоволиме само со еден освоен бод.
Александар Василевски го постигна првиот гол за Тинекс Пролет во новата сезона, стрелајќи прецизно во првиот напад на мечот за израмнување на 1-1. Откако на семафорот гласеше 3-3 капитенот Андоновски постигна два брзи гола за 3-5, по што своето гол-шоу го продолжи Василевски за убедливи 4-9 по дванаесет минути игра. Ситуацијата на теренот се промени по тајмаутот на домашниот тренер, по што прилепчани почнаа да го топат водството на Тинекс Пролет. Јовиќ побара тајмаут при 7-10, но проблемите се зголемија по исклучувањето на Глигоров по кое домашниот состав намали на 11-12. Тинекс Пролет одржуваше минимална предност до крајот на полувремето, но Прилеп успеа да израмни во самиот финиш, по што на одмор се замина со израмнети 18-18.
Домаќините отворија со два брзи гола за предност од 20-18, но Андоновски го запре нивниот налет, следеа и реализации на Василевски и на Додевски за ново водство на Тинекс Пролет (20-21).При 22-24 не беше реализиран напад за „плус три“, по што домаќините експресно се вратија и од пенал во 46. минута израмнија на 24-24. Јовиќ побара тајмаут една минута подоцна, се играше израмнето, а проблемите се зголемија на осум минути до крајот кога при 27-27 црвен картон поради три исклучувања заработи десниот бек Бахар.На три минути до крајот Пролет остана и со играч помалку откако Шилегов со шут го удри во главата домашниот голман. Избраниците на Јовиќ се одбранија во следните два напада, по што во последната минута имаа атак за победа, но Василевски биеше над гредата на работ на пасива, па овој меч заврши со израмнети 30-30.
Василевски со десет гола беше клучна фигура на овој натпревар, седум гола постигна Андоновски, а шест Давор Палевски.
Тинекс Пролет во второто коло на домашен терен ќе го пречека составот на Тиквеш.