Младинската екипа на Тинекс Пролет оствари одличен успех откако во голема конкуренција успеа да стигне до второто место на табелата.
На тренерот Илија Темелковски, неговиот асистент Петар Тотиќ и сите млади ракометари на нашиот клуб денеска и официјално им беа врачени пехарот за второто место и сребрените медали за вицешампионскиот епитет за оваа натпреварувачка сезона.
Пехарот од претставникот на Ракометната Федерација на Македонија го прими капитенот на екипата, Михаел Тотиќ, по што следеше и доделувањето на медалите на ракометарите и членовите на стручниот штаб.
Тинекс Пролет ја заврши сезонава со освоени 59 бода (19 победи, две реми и три порази), два повеќе од третопласираниот Младост Богданци. Неприкосновен на врвот беше тимот на Мулти Есенс со максимални 23 победи на досега одиграните натпревари.
Тинекс Пролет останува доследен на својата клупска политика да им дава шанса на младите талентирани македонски ракометари да ги направат првите чекори во кариерата. Впрочем, најдобар доказ за тоа е што девет играчи од оваа младинска вицешампионска екипа сезонава имаа настапи и за првиот тим на Тинекс Пролет.