Тинекс Пролет претрпе пораз од 28-23 на гостувањето во „Автокоманда“ против Алкалоид во рамките од осмото коло во ракометниот плејоф. Избраниците на Александар Јовиќ одиграа одлично во првите дваесетина минути, но големиот пад пред крајот на првото полувреме скапо го чинеше составот на Тинекс Пролет, кој не успеа да го изненади актуелниот вицепрвак на Македонија.
Тинекс Пролет уште од самиот почеток јасно стави до знаење дека нема да биде лесен залак за вицешмпионот. Алкалоид имаше рани водства од 1-0 и 2-1, но Пролет одговори со три брзи гола и водство од 2-4. Одличен на стартот беше Ласко Андоновски со три гола во првите осум минути. По петнаесет минути игра Пролет се уште имаше водство од два гола, откако Арсеновски одлично се снајде реализирајќи за 5-7, по што Кире Лазаров беше принуден да побара тајмаут.
Во 19. минута директен картон доби домашниот ракометар Валентин Карасманлакис за еден груб старт врз Димковски, при водство на Тинекс Пролет од 8-9. Василевски го постигна својот четврти гол и ја врати предноста на два гола (8-10), но Алкалоид се врати израмнувајќи на 10-10 во 23. минута од мечот. Проблемите во нападот се зголемија, Тинекс Пролет повеќе од осум минути беше без постигнат гол, по што домаќинот поведе со 13-10. Арсеновски изнуди исклучување од Савревски, по што беше направен пенал над Ласко Андоновски што Палевски го претвори во гол за Пролет, прв по девет минути „пост“.Иако со ракометар повеќе, Пролет не успеа да ја намали негативата, напротив Алкалоид постигна два гола со играч помалку и на одмор се замина со предност на домашната екипа од 15-11.
Домашниот состав постигна два гола на стартот од второто полувреме и поведе со најубедливи шест гола предност (17-11). Пролет успеа да се консолидира, Андоновски постигна два гола за неколку минути и ја намали негативата на четири гола (18-14, 19-15). Двајцата тренери во краток период зедоа по еден тајмаут, но ситуацијата на теренот не се промени драматично и разликата се движеше меѓу четири и шест гола. Пред крајот на мечот повторно дојде до пад во концентрацијата, а Алкалоид го искористи тоа и поведе со 26-18. Нашите ракометари сепак се разбудија пред крајот, заиграа подобро во завршните минути и ја намалија негативата до конечни „минус пет“ (28-23).
Ласко Андоновски повторно беше најдобар во таборот на Тинекс Пролет со девет погодоци, седум постигна Александар Василевски, а четири Филип Арсеновски.
Следен противник на нашиот тим во плејофот ќе биде Вардар, меч што ќе се игра во нашата сала „Македонско Сонце“ претстојниот викенд.