Завршувањето на ЕХФ неделата значи и враќање во натпреварувачки ритам на клубовите, па сезоната во мак-ракометот продолжува со групната фаза од Купот на Македонија.
Тинекс Пролет денеска во 18.30 часот ќе го пречека скопскиот ривал Голден Арт во полуфиналето од својата група, меч на кој нашиот тим ќе ја има улогата на фаворит.
„Добро се познаваме со Голден Арт, тим со кој игравме во Супер-лигата, но и повторно се сретнавме во текот на зимските подготовки. Станува збор за перспективна и квалитетна екипа што може да се победи само ако се одигра максимално од почеток до крај. Не бегаме од фаворитската улога, но јасно ни е дека тоа ќе мора да се оправда и на теренот“, вели капитенот Ласко Андоновски.
Победникот од вечерашниот дуел во финалето од нашата група ќе се сретне со подобриот од второто полуфинале меѓу Радовиш и Вардар.
„Воопшто не размислуваме за следниот чекор и за финалето. Ние максимално го почитуваме Голден Арт и целиот фокус е само на денешниот дуел. Знаеме дека Купот е натпреварување во кое лесно се случуваат изненадувања и не сакаме да дозволиме такво нешто, особено на домашен терен. Ќе сториме се за да славиме против Голден Арт, а потоа ќе размислуваме за финалето во групата“, порачува Андоновски.