Тинекс Пролет не успеа да слави на дуелот против Охрид, по голема битка губејќи во салата „Македонско Сонце“ со резултат 28-32. Вистинска штета е што одличното залагање не беше наградено со позитивен резултат против квалитетниот противник, но како и минатиот викенд во Битола, повторно при секој наш обид за камбек и израмнување следеше пенал за противникот, со што не беше дозволено да се стигне барем до бод против екипите што важат за фаворити во дуелите со нас.
Дуелот од самот почеток беше максимално израмнет, Тинекс Пролет беше за нијанса подобар на стартот, но охриѓани го искористија исклучувањето на Арсеновски и го свртеа резултатот во своја полза, поведувајќи со 4-5. Штом силите на теренот се израмнија избраниците на Јовиќ повторно заиграа во топ-ритам, со мини-преврт поведувајќи со 7-5. Предноста од два гола беше задржана се до 10-8, кога гостите успеаја да се вратат. Во овој период одбраната на Охрид му создаваше многу проблеми на домашниот состав, додека „сино-белите“ полесно го наоѓаа патот до мрежата на Тинекс Пролет. Во самиот финиш Пролет имаше напад за израмнување, но ја загуби топката, по што Oјлески погоди во последните секунди и на одмор се замина со водство на Охрид од 13-15.
Гостите поведоа со 13-16 на почетокот од второто полувреме, но Тинекс Пролет покажа карактер и експресно се врати, во неколку наврати намалувајќи на „минус еден“. Охрид пак дојде до три гола предност (16-19), но Мајнов и Андоновски погодија во серија и се врати неизвесноста во натпреварот. Гостинскиот тренер побара тајмаут при 19-20, но веќе во следниот напад Пролет успеа да израмни со седмиот гол на капитенот Андоновски. Охрид во тој период заигра подобро, успевајќи да се одлепи и да го искористи и судискиот подарок, со седмерец поведувајќи со 20-23. Во 46. минута гостите стигнаа и до најубедливи четири гола предност (20-24), по што Александар Јовиќ беше принуден да побара тајмаут.
Советите експресно вродија со плод, за една минута негативата беше преполовена, Тинекс Пролет продолжи со добра игра, па со голот од контранапад на Палевски повторно дојде на само „минус еден“ (25-26). И повторно секое приближување на „минус еден“ знаеше и судиска одлука на наша штета, со што директно се влијаеше на конечниот исход. На четири минути до крајот Арсеновски го заработи третото исклучување при водство на гостите од еден гол, охриѓани знаеја како да ја искористат оваа предност, се одлепија во финишот и триумфираа со конечни 28-32.
Ласко Андоновски одигра капитенски и со осум гола беше најефикасен во нашите редови, шест погодоци постигна Палевски, а Арсеновски го заврши мечот со пет гола.