Ракометарите на Тинекс Пролет вечерва во 18 часот му гостуваат на Еурофарм Пелистер во рамките од четвртото коло од плејофот во ракометниот шампионат на Македонија. Битолчани се актуелни шампиони и како такви се и големи фаворити за триумф на денешниот дуел, но Тинекс Пролет ќе се обиде да одигра без резултатски притисок, да го прикаже најдоброто од себе во моментов и да се обиде да ги замрси сметките на „пелистерци“.
Впрочем, одличното издание против Бутел и првата плејоф победа јасно покажа дека Тинекс Пролет поседува квалитет, нешто што избраниците на Александар Јовиќ ќе се обидат да го потврдат и на дуелот со актуелниот шампион.
„Пелистер е тим што е актуелен шампион, според играчкиот ростер и најдобра екипа и главен фаворит за титулата. Јасно е дека тие ќе се обидат од самиот старт да наметнат силно темпо, на нас е да им одговориме на вистински начин. Клучна ќе биде цврстината во одбраната и дисциплината во нападот, ако го одиграме она што го договараме би можеле солидно да им парираме. Останува да се види како се ќе изгледа на теренот, но едно е сигурно, ние нема да се предадеме без борба“, порачуваат од таборот на Тинекс Пролет пред денешниот натпревар.