Тинекс Пролет заслужено стигна до првата победа во плејофот откако во рамките на третото коло вечерва славеше над Бутел со 20-18. Нашиот тим одигра беспрекорна одбрана со која си го трасираше патот до победата, целосно исфрлајќи ги од ритам „бутелци“ на стартот од второто полувреме кога беше направена клучната разлика и трасиран патот до победата.
Бутел на почетокот лесно го наоѓаше патот до мрежата на Тинекс Пролет на почеток, по три минути игра поведувајќи со 1-3. Избраниците на Александар Јовиќ експресно се разбудија, па само неколку минути подоцна со голот на Василевски го израмнија резултатот на 3-3. Бутел со два седмерца поведе со 3-5, а при овој резултат беше досуден и трет пенал во нзиа за гостите, што голманот Михаљевиќ успеа да го запре.Во овој период домаќините имаа и ракометар помалку, но и во таква ситуација не дозволија Бутел дополнително да се одлепи, напротив преку Василевски во 18. минута израмнија на 6-6.
Тренерот Александар Јовиќ побара тајмаут при овој резултат во 20. минута, a Aрсеновски промаши зицер од контранапад со кој можеше да донесе прво водство на Тинекс Пролет, но тоа им појде од рака на нашите ракометари веќе во следниот напад за предност од 7-6 со погодокот на Димковски.До крајот на полувремето се играше израмнето, за во последната минута, за во финишот на сцена да стапат судиите Кркачев и Колевски со две исклучувања, едното за фаул на средина од теренот, а второто на Андоновски за приговор по престрого досудениот пенал што „бутелци“ не успеаја да го израмнат, па на одмор се замина со израмнети 8-8.
Иако со двајца ракометари помалку, Тинекс Пролет го реализираше првиот напад во второто полувреме и преку
Димов поведе со 9-8. Бутел не искористи напад со двајца играчи повеќе, Василевски погоди за 10-8, по што судиите им подарија нов напад на гостите по очигледно пробивање. Тоа само уште повеќе ги мотивираше нашите ракометари да продолжат со одлична игра, со петтиот гол на Василевски набрзина да поведат со 12-8 и да го принудат гостинскиот тренер Кузманоски на тајмаут по само пет минути игра во второто полувреме. Бутел првиот гол во вториот дел го постигна дури во 38. минута, намалувајќи на 12-9, но одбраната на Пролет беше на највисоко ниво, па гостите во првите 12 минути од второто полувреме имаа постигнато само еден гол.
Одбраната функционираше добро, но кризата во нападот придонесе Јовиќ да побара тајмаут при 13-10, во 43. минута од овој интересен натпревар. Капитенот Ласко Андоновски постигна три гола по тајмаутот одржувајќи ја предноста од четири гола (16-12), кога судиите повторно доделија две исклучувања за домашните ракометари. .Гостите повторно не успеаја да ја искористат големата предност, на осум минути до крајот резултатот гласеше 17-13, по што следеше ново исклучување на капитенот Андоновски. Силите на теренот беа израмнети со исклучувањето на Стојановски на спротивната страна, но Бутел успеа да ја преполови негативата на 17-15. Искусниот Доне Мајнов блесна во вистински момент стрелајќи прецизно за 18-15, Бутел се обиде со нешто поагресивна одбрана да се врати, но Палевски ја запечати заслужената победа на Тинекс Пролет, на крајот изразена со конечните 20-18.
Андоновски и Василевски беа најефикасни со по шест погодоци, четири гола постигна Мартин Димов, а два Димковски.