Јовиќ: Против Вардар немавме дисциплина, ќе биде подобро на дуелот со Бутел

Тинекс Пролет ги остава зад себе поразите од Алкалоид и од Вардар на стартот од плејофот, па Александар Јовиќ и неговите избраници веќе неколку дена се насочени кон претстојниот меч со Бутел што на програмата е в сабота. Јовиќ стави акцент на одбраната во текот на зимските подготовки, но стратегот на Тинекс Пролет не крие дека очекува да види поголема дисциплина во нападот од своите избраници, особено откако целосно се потфрли на ова поле на последниот меч со Вардар.

„Средбите со Алкалоид и со Вардар беа одлични тестови за нас, да видиме каде сме во пресметки со екипи кои се борат за шампионската титула. Против Алкалоид покажавме цврстина во одбраната, нешто што ми се допадна кога игравме поставена зона против нападот на противникот. Во нашиот напад покажавме дисциплина, па дури и кога не постигнувавме голови, ги спречувавме ривалите да имаат лесни погодоци на спротивната страна. Против Вардар потфрливме во тој аспект, недисциплината во нападот ни беше главен проблем и токму затоа претрпевме така убедлив пораз. Тоа е нешто на што веќе работиме, таквите работи да не ни се повторуваат во иднина“, изјави Јовиќ.

Тој очекува далеку подобро издание на саботниот натпревар против Бутел, ривал што Тинекс Пролет го совлада во последното коло од Супер-лигата.

„Успеавме да ги добиеме на последниот натпревар, но ова ќе биде сосема поинаков дуел бидејќи станува збор за плејоф-пресметка. Едно е сигурно, Бутел е тим со кој можеме да се надигруваме и што можеме да го победиме, што не беше случај на првите две средби од плејофот. Имаме респект за нив, имаат препознатлива игра, добар тренер во Горан Кузманоски и голем дел од ракометарите подолг период играат заедно. Една од најважните работи ќе биде да се изолира пивотот Јевтиќ и неговите комбинации со средниот бек. Ако го оствариме тоа, ќе стигнеме до успех. Верувам во наше добро издание и победа на крајот, прва во овој плејоф“, истакна стратегот на Тинекс Пролет.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести