Тинекс Пролет со пораз го стартуваше настапот во ракометниот плејоф откако нашиот тим попладнево на домашен терен загуби од Алкалоид со резултат 17-22. Тимот предводен од Александар Јовиќ одигра импресивно во првите дваесетина минути во кои во неколку ситуации имаше и предност од по три гола, по првото полувреме имаше само еден гол негатива, но потоа следеше голем пад во играта во нападот, што актуелниот вицешампион знаеше да го искористи за да стигне до победата.
Тинекс Пролет одлично го стартуваше натпреварот контролирајќи го резултатот во голем дел од првото полувреме. Нападот функционираше беспрекорно од самиот почеток, па Тинекс Пролет отвори со рано водство од 6-3. При овој резултат нашиот тим имаше и предност од играч повеќе, но тогаш дојде до мала криза во нападот и намалување на водството на 6-5. Избраниците на Јовиќ набрзина се рехабилитираа и ја вратија предноста на три гола (9-6), но во завршницзта влегоа во сериозна кога. Јовиќ зеде тајмаут при 9-7, но Тинекс Пролет сепак остана без постигнат гол во последните десетина минути од полувреме, а Алкалоид го искористи тоа за на одмор да замине со минимална предност од 9-10.
Гостинскиот голман Галевски продолжи со серијата одбрани и на стартот од вториот дел, продлабочувајќи ја кризата во нападот на Тинекс Пролет и помагајќи неговиот тим да поведе со 9-14 во 37. минута, по што Александар Јовиќ беше принуден да побара тајмаут. Предолгата серија без постигнат погодок ја прекина Палевски од седум метри во 39. минута, намалувајќи на 10-14. Домашните ракометари се обидоа целосно да се вратат, но одбраната на Аклалоид на чело со Галевски беше сериозен проблем што им овозможи на гостите дополнително да се одлепат и рутински да го приведат мечот до крај, славејќи со конечни 17-22.
Палевски и Андоновски беа најефикасни со по четири гола, а три постигна Додевски.
Тинекс Пролет во второто коло ќе му гостува на тимот на Вардар.