Тинекс Пролет ја оствари зацртаната цел за оваа сезона, славејќи на дуелот против Бутел со 22-20, резултат со кој нашиот тим го осигура четвртото место во групата и учеството во плејофот во вториот дел од шампионатот. Како што е вообичаено при дуелите на овие скопски ривали, цврстата одбрана беше заштитен знак на двете страни, но Тинекс Пролет покажа квалитет и карактер, го издржа завршниот притисок и заслужено на крајот се радуваше на победата.
Тинекс Пролет го имаше првото водство при 2-1, по што Бутел ја презеде контролата над резултатот, за првпат поведувајќи со два гола разлика (4-6). Јовиќ побара тајмаут, по што домашниот тим ја крена играта и во нападот и во одбраната, набрзина враќајќи ја контролата над резултатот, поведувајќи со 8-7. Тинекс Пролет имаше предност од 11-9, потоа и од 13-11, но Бутел постигна два гола пред крајот на полувремето и на одмор се замина со израмнети 13-13.
Второто почлувреме почна со апсолутна доминација на Тинекс Пролет откако „пулените“ на Јовиќ тргнаа фуриозно, експресно поведувајќи со 18-13. Гостите успеаја да се вратат, се изборија за неизвесен финиш, но Василевски беше расположен кога беше најважно, постигна два гола во клучните моменти и донесе победа на Тинекс Пролет.
Ласко Андоновски со пет погодоци беше прв стрелец на Тинекс Пролет, по три постигнаа Палевски, Пецаковски и Димковски, а по два реализираа Андоновски и Василевски.