Тинекс Пролет пропушти одлична можност да слави над Голден Арт и на тој начин да го осигура пласманот во плејофот, откако дуелот со скопскиот ривал попладнево заврши без победник,, 24-24. Ако финишт беше среќен за Тинекс Пролет минатиот викенд со Мулти Есенс, тоа не беше случај на денешниот меч, на кој примениот гол во последната секунда значеше освојување на само еден наместо на посакуваните три бода.
А почетокот на натпреварот најави беспрекорно издание на Тинекс Пролет, откако со брзото водство од 5-1 експресно го натеравме гостинскиот стратег да побара тајмаут. И по таа минута одмор продолжи серијата на Тинекс Пролет, водството набрзина скокна на 8-1, пред гостите својот втор гол на мечот да го постигнат во 13. минута. Од тој период почна големата криза во нападот на Тинекс Пролет, во наредните 13 минути избраниците на Јовиќ постигнаа само еден единствен гол и им дозволија на гостите да се вратат резултатски.
На одмор се замина со предност на Тинекс Пролет од 12-9, но Голден Арт продолжи со подобра игра и по само неколку минути игра стигна до израмнување од 13-13. Од тој момент па се до самиот крај се играше супер-израмнето, за што доволен доказ е фактот дека ниту една од екипите немаше предност повеќе од еден гол. Во поголемиот дел од полувремето водеа домаќините, но Голден Арт со гол од контранапад поведе со 21-22. Капитенот Ласко Андоновски со два гола и една асистенција донесе пресврт, а последните секунди беа супердраматични.
Голден Арт најпрвин ја загуби топката, но Димов неколку секунди откако ја украде топката им ја врати на гостите, давајќи им нова шанса. Проектилот од девет метри завршиво гредата од голот на Михаљевиќ, но одбиената топка стигна до Даев, кој буквално во последната секунда спаси бод за гостинскиот состав.
Ласко Андоновски со девет гола беше најдобар поединец во нашите редови, по четири постигнаа Палевски, Василевски и Арсеновски, Покрај овие ракометари, меѓу стреците се запишаа само уште Димов со два и Додевски со еден погодок.
Тинекс Пролет ја задржа предноста од пет бода во однос на Голден Арт, нашиот тми до крајот на Супер-лигата треба да се сретне со Еурофарм Пелистер и со Бутел, додека скопскиот ривал за противници во последните две кола ќе ги има Прилеп и Вардар.