Тинекс Пролет денеска во 18.30 часот го пречекува составот на Голден Арт, меч на кој избраниците на Александар Јовиќ имаат идеална можност со триумф и математички да го осигураат учеството во плејофот во вториот дел од сезоната.
Периодот на осцилации во играта е оставен зад нашиот тим, кој максимално мотивиран и фокусиран го дочекува скопскиот ривал, екипа што по голема борба ја совладавме со 23-25 во првиот круг од Супер-лигата.
„Нема сомнеж, ова е најважниот натпревар за нас и се чувствуваме подготвени за предизвикот. Оваа седмица ја минавме во подготовки, знаеме што не очекува и верувам дека ќе стигнеме до победата што сите ја посакуваме. Противникот не е наивен, имаат добри ракометари на неколку позиции и знаат да создадат проблеми. Сепак, верувам дека квалитетот е на наша страна и дека тоа ќе го потврдиме на теренот“, изјави Давор Палевски, еден од најстандардните ракометари во таборот на Тинекс Пролет оваа сезона.
Новиот тренер Александар Јовиќ дебитираше со минимална победа над Мулти Есенс, но на Палевски и соиграчите им е јасно дека мора да се игра многу поквалитетно денеска за да се стигне до посакуваниот резултат.
„Она што мораме да го поправиме во однос на тој прв меч е играта во одбрана. Мора да играме подобро во дефанзива, голманите да имаат свој ден за да бидеме во оној ритам по кој сме препознатливи, од цврста одбрана преку контри и полуконтри да постигнуваме што повеќе голови. Верувам дека сме способни за такво нешто на овој важен натпревар“, истакна Палевски.