Филип Арсеновски летово пристигна во Тинекс Пролет, правејќи камбек во македонскиот ракомет по авантурата во Швајцарија и одличниот пивот се покажа како големо засилување за нашиот тим. Тој веќе одигра низа добри партии во дресот на Тинекс Пролет, а најдобрата ја имаше токму во последното коло, кога го предводеше тимот до значајна победа на гостувањето против Мулти Есенс.
Арсеновски цел натпревар им создаваше проблеми на противничките ракометари, но најдобриот потег го имаше во самиот финиш, кога погоди од центарот на теренот буквално во последната секунда, за победнички гол и огромни три бода.
„Чувството беше фантастично, знам колку беше значајно да ги освоиме бодовите и фактот дека стигнавме до нив на таков начин само ја направи победата послатка. Имам постигнато сличен победнички гол и за Металург 2 против екипата на Пелистер, но можам да кажам дека повеќе уживав во овој последниот против Мулти Есенс. Имавме осцилации во играта, но тоа е нормално кога доаѓа нов тренер со свои тактички замисли. Се наоѓаме во добар момент, како што одминува времето ќе играме уште подобро“, изјави Арсеновски.
Тој е оптимист дека Тинекс Пролет веќе во следното коло, на домашен терен против Голден Арт, ќе го обезбеди пласманот во плејофот.
„Дефинитивно имаме и квалитет и искуство за место во плејофот, го покажавме тоа со игрите на голем дел од натперварите. Имаме можност на домашен терен со Голден Арт да го завериме пласманот, но не треба да застанеме тука. Фокусирани сме на Голден Арт и на победата на тој меч, но потоа ќе сториме се за во последното коло против Бутел да се обидеме да стигнеме до третото место, за да пренесема барем еден бод во плејофот. Одиме чекор по чекор, но верувам во уште подобри изданија на нашата екипа“, истакна Филип Арсеновски.