Тинекс Пролет направи уште еден значаен чекор напред кон плејофот во македонскиот шампионат со триумфот во Прилеп, меч на кој блесна Дејан Пецаковски. Искусниот бек најчесто сезонава добиваше улога во одбраната, но во Прилеп јасно покажа дека може да биде значајно оружје и во нападот на Тинекс, одигрувајќи одличен меч крунисан со седум погодоци.
Значењето на натпреварот беше огромно, во меѓувреме на клупата седна Илија Темелковски, а токму најискусните Пецаковски и Ласко Андоновски ја презедоа одговорноста кога беше најважно.
„Се чувствуваше одредена нервоза поради тие последни порази од Бутел и од Вардар Неготино, знаевме колку е значајно да се слави во Прилеп, бидејќи станува збор за екипа што игра многу добро на домашен терен. Ме радува покажаниот карактер, сите заигравме на едно повисоко ниво, одговоривме на предизвикот и заслужено победивме. Не е важно по колку голови дал секој од нас, ова беше тимска победа за која се заслужни сите, од прв до последен во играчкиот кадар. Свој придонес има и Илија Темелковски, кој знаеше како да ја опушти атмосферата и да го извлече максимумот од екипата во тој непријатен момент. Лембанов е квалитетен тренер кој помогна да оствариме добри резултати и сите сме му благодарни за тоа“, изјави Пецаковски.
Триумфот во Прилеп значи и речиси сигурно визирање на место во плејофот, каде што Тинекс Пролет дефинитивно припаѓа.
„Останува уште математички да го потврдиме пласманот, тоа не би требало да е проблем. Реалноста е дека Тинекс Пролет заслужува да биде во плејофот, тоа е еден од Топ 8 клубовите во македонскиот ракомет. Верувам дека можеме да оствариме уште подобри резултати во иднина и дека наскоро ќе го докажеме тоа на терен“, најавува искусниот бек во таборот на Тинекс Пролет.