Враќање на победнички патеки: „Старите волци“ донесоа победа во Прилеп (19-22)

Тинекс Пролет успешно се врати на победнички патеки под водство на Илија Темелковски, славејќи на важното гостување против Прилеп со 19-22. Нашиот тим одигра одлична одбрана, покривајќи ги со тоа слабите периоди во нападот, го контролираше резултатот во голем дел од мечот и заслужено стигна до бодовите. Искусните Пецаковски и Андоновски беа главни играчи во нападот, преземајќи ја одговорноста во овој исклучително важен дуел, на кој со победата беше направен уште еден џиновски чекор кон плејофот.

Капитенот Ласко Андоновски го отвори мечот со гол и прво водство за Тинекс Пролет, но проблемите со нападот од претходните натпревари повторно се појавија, па Прилеп поведе со 2-1, откако Палевски не реализираше пенал во раната фаза од мечот. Димов израмни на 2-2, но домашните ракометари беа поумешни на почетокот, поведувајќи со 4-2, а нешто подоцна и со 7-4. Тинекс Пролет конечно ја консолидираше одбраната, неколку минути беше без примен гол, по што експресно стигна и израмнување (8-8).

Илија Темелковски побара тајмаут при овој резултат, a во 24. минута Тинекс Пролет се врати во водтство, со голот од крило што го постигна Палевски (9-10). Нашиот тим продолжи да доминира, набрзина поведувајќи и со 9-12 по головите на Андоновски и на Пецаковски,па на истекот од 26. минута домашниот тренер мораше да побара уште еден тајмаут. Домаќините успеаја да ја консолидираат играта до крајот на полувремето, по што на одмор се замина со водство на Тинекс Пролет од 11-13.

Второто полувреме го почнавме со играч повеќе, но предноста не беше искористена и Прилеп израмни на 13-13. Пецаковски не реализираше пенал, а за немоќта во нападот најдобро говори фактот дека во првите 14 минути од второто полувреме тимот на Тинекс Пролет постигна само два погодоци. Одбранет седмерец на спротивната страна имаше и Петковски, а Димов постигна важен гол од крило за водство од 17-18 на десет минути до крајот.

Одбраната на чело со голманот Михаљевиќ заигра на највисоко ниво, тоа донесе и лесни голови на спротивната страна, па преку Палевски на седум минути до крајот Тинекс Пролет поведе со 17-20, а две минути подоцна преку пивотот Николовски стигна и до предност од 17-21. Цврстата добрана беше рецептот за успех до самиот крај на овој натпревар, што Тинекс Пролет заслужено го доби со конечни 19-22.

Дејан Пецаковски беше одличен во нападот постигнувајќи седум погодоци, пет гола постигна капитенот Ласко Андоновски, четири Николовски, а три пати прецизен беше Давор Палевски.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести