Ракометарите на Тинекс Пролет го претрпеа третиот пораз сезонава, губејќи на гостувањето против Бутел со резултат 33-26. Одбраната не беше на посакуваното ниво на овој натпревар, а домашниот состав знаеше како да го искористи тоа, на почетокот од второто полувреме да се одлепи резултатски и да стигне до победата.
Почетокот мина во израмнета битка, по пет минути резултатот гласеше 2-2 по двата гола што за Тинекс Пролет ги постигна Арсеновски. Со вториот гол што го постигна капитенот Ласко Андоновски Пролет дојде до првото водство на мечот (4-5), но потоа дојде до кризен период во нападот, седум минути не беше постигнат гол, а „бутелци“ го искористија тоа за да поведат со 8-5, резултат при кој тренерот Лембанов побара тајмаут.
Василевски ја прекина серијата на домашниот состав со гол во 19. минута, истиот ракометар во следниот напад намали и на 8-7, Тинекс Пролет набрзина се врати во ритам и стигна до израмнување од 9-9. Бутел за момент дојде до 11-9, но нашиот тим повторно експресно се врати, преку пивотот Николовски израмнувајќи 11-11 во 27. минута. Тинекс Пролет дури и поведе со 11-12, но во завршните две минути падна концентрацијата кај избраниците на Лембанов, а Бутел го искористи тоа и на одмор замина со водство од 14-12.
Домаќинот подобро го отвори и вториот дел, па набрзина поведе и до најубедливи четири гола разлика (17-13). Проблемите уште повеќе се зголемија откако при 17-14 на повреда се пожали Василевски, кој мораше да биде повлечен од игра, но подоцна успеа да се врати на теренот. Тинекс Пролет ја консолидираше играта во нападот, па разликата во наредниот период се движеше меѓу два и три гола. за домаќините на половина од второто полувреме да се вратат на четири гола предност (24-20), за нов тајмаут на Лембанов.
Советите овојпат не помогнаа, домашниот состав продолжи да доминира, па Лембанов беше принуден да побара нов тајмаут, овојпат при негатива од 29-22 на десет минути до крајот. Ситуацијата на теренот не се промени драматично, па Бутел рутински го приведе мечот до крај, заслужено триумфирајќи со 33-26.
Василевски беше најефикасен во таборот на Тинекс Пролет со шест погодоци, пет постигна Палевски, а по четири пати прецизни беа Андоновски и Николовски.