Храбра игра против шампионот, но бодовите заминаа за Битола (22-26)

Тинекс Пролет го претрпе и вториот пораз оваа сезона во Супер-лигата, губејќи на домашен терен од актуелниот шампион Еурофарм Пелистер со 22-26. Играта во голем дел од натпреварот беше и повеќе од задоволителна, нашите ракометари успеваа целосно да му парираат на големиот фаворит, во еден момент во првото полувреме имавме и три гола предност, но „пелистерци“ покажаа квалитет, успеаја да се вратат и да стигнат до посакуваната победа.

Василевски и Додевски донесоа рано водство на Тинекс Пролет од 2-0, но битолчани одговорија со два погодоци и брзо израмнување. Најдобриот период во играта домашниот состав го имаше кон средината на првото полувреме, кога по негативата од 4-6 следеа пет гола во низа на избраниците на тренерот Лембанов и водство од 9-6. Еурофарм Пелистер тогаш заигра подобро, влезе во ритам и направи целосен резултатски пресврт, поведувајќи со 9-14, пред Андоновски и Палевски да бијат прецизно во последната минута и на одмор да се замине со водство на актуелниот шампион од 11-14.

Почетокот на второто полувреме мина во знакот на Тинекс Пролет, нашиот тим повторно лесно го наоѓаше патот до противничкиот гол и успеа да намали на 14-15. Последен пат бевме блиску до камбек при 15-16, по што исклучување доби Палевски, потоа и клупата, па со двајца играчи повеќе „пелистерци“ знаеја како да ја зголемат предноста на 15-18. Откако кризата во нападот се продлабочи и противникот поведе со 15-19, Лембанов побара тајмаут, а на голот застана Петковски. Голманот блесна со неколку извонредни интервенции, не дозволи противникот целосно да се одлепи, но Тинекс Пролет немаше сили за камбек во нападот, стигна само до три гола разлика, а на крајот загуби со конечни 22-26.

Василевски, Палевски и Димковски постигнаа по четири погодоци и беа најефикасни кај Тинекс Пролет, додека по три погодоци постигнаа Додевски и Ласко Андоновски.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид28
2Вардар26
3Е. Пелистер26
4Охрид23
5Тиквеш16
6Бутел16
7Пролет14
8Прилеп12
9Куманово6
10Борец6
11Струга6
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести