Тинекс Пролет направи уште еден значаен чекор кон место во плејофот откако нашиот тим славеше на гостувањето против Голден Арт со 23-25. Градскиот ривал се покажа како цврста екипа што не се откажува, но избраниците на Лембанов беа подобар противник, го контролираа резултатот од почеток до крај и апсолутно заслужено се враќаат дома со три бода на своето салдо, четврти триумф по пет одиграни натпревари оваа сезона.
Цврстата одбрана на Тинекс Пролет овозможи од самиот почеток да се направи притисок врз нападот на противникот, па мечот беше израмнет самодо 4-4, по што избраниците на Лембанов постигнаа четири гола во низа и поведоа со 4-8. Тајмаутот што го зеде домашниот тренер при овој резултат не вроди со плод, па со лесни голови од контрапад Тинекс Пролет поведе со 5-11, нешто подоцна и со 6-12. Сепак, падот на концентрацијата во финишот од полувремето им овозможи на домаќините да ја намалат негативата на само три гола (9-12).
Грешките во нападот во второто полувреме му овозможија на Голден Арт за момент да го израмни резултатот на 14-14 со серија лесни голови од контранапад, но Тинекс Пролет успеа во вистински момент да се разбуди. Давор Палевски даде два гола во краток период, предноста се врати на „плус три“ (14-17), но Голден Арт не се предаваше и во неколку ситуации доаѓаше до само еден гол разлика. Александар Василевски одигра клучна улога со важни погодоци од бековската позиција, а откако од „плус три“ во последната минута резултатот падна на 23-24, Палевски го постигна голот за печат на победата по одличната асистенција на Доне Мајнов.
Александар Василевски беше најдобар поединец на Тинекс Пролет со осум постигнати гола, шест реализираше Палевски, четири Андоновски, а со три гола мечот го заврши Додевски.
Тинекс Пролет во следното коло веќе во вторник ќе го пречека шампионот Еурофарм Пелистер.