Ракометарите на Тинекс Пролет денеска со почеток во 18.30 часот во салата „Македонско Сонце“ ќе го пречекаат Мулти Есенс во рамките од четвртото коло од Супер-лигата, во обид да стигнат до третата победа и да направат уште еден чекор напред кон место во плејофот. Поразот од Вардар не остави трага врз позитивната атмосфера во тимот, во изминатите денови се работеше максимални, па избраниците на Лембанов очекуваат со уште едно добро издание на домашен терен да ги прокнижат бодовите против новиот суперлигаш.
„Работиме на високо ниво и подготвени сме за предизвиците пред нас. Одбраната секогаш е заштитен знак на Пролет, така е и оваа сезона бидејќи кога ќе се одигра цврста одбрана се добиваат и лесни голови на спротивната страна. Имаме неколку нови играчи и нормално е да е потребно време за целосна адаптација, но играме квалитетен ракомет и очекувам тоа да го покажеме и денеска против Мулти Есенс“, изјави Александар Василевски, одличниот шутер кој има значајна улога и во играта во одбрана кај тренерот Лембанов.
Тинекс Пролет пред околу еден месец се сретна со Мулти Есенс на турнирот во Прилеп, претрпувајќи неочекуван пораз.
„Тоа беше само турнир како дел од подготовките, меч на кој воигрувавме различни тактички замисли. Секако, Мулти Есенс заслужено победи и покажа дека е квалитетен состав, а за нас тоа е лекција дека никако не смееме да ги потцениме. Верувам во Пролет, убеден сум дека квалитетот и искуството се на наша страна и ако одиграме онака како што знаеме ќе стигнеме до посакуваниот резултат“, вели Василевски.