Ракометарите на Тинекс Пролет утре ги очекува најголемиот предизвик во досегашниот дел од сезоната, меч со двократниот европски шампион Вардар (сабота, 12.30 часот, СЦ Јане Сандански - мала сала).
„Црвено-црните“ славеа на последните две пресметки со Еурофарм Пелистер, во меѓувреме го совладаа и Бутел, покажувајќи дека и покрај огромните промени во ростерот сезонава ќе играат на највисоко ниво и ќе се борат за трофеите на домашната сцена.
„Искрено, пријатно сум изненаден од она што го покажа Вардар на првите натпревари од сезонава. Сменија многу ракометари, но играат одлично, очигледно е дека во тимот владее позитивна енергија и хемија што помага да се дојде до посакуваните резултати. Јасно е дека ќе ја имаат улогата на фаворити, но ние дефинитивно нема да се предадеме без борба. Ќе излеземе на терен, ќе одиграме најдобро што знаеме и ќе се обидеме да изненадиме“, изјави Давор Палевски.
Двете победи на стартот на сезоната дополнително ја кренаа атмосферата во таборот на Тинекс Пролет.
„Се чувствува позитивна атмосфера и во нашиот табор, почнавме онака како што посакувавме, со две сигурни победи на домашен терен. Навистина, имавме мал пад во вториот дел со Прилеп, но верувавме во себе и бевме убедени дека на крајот ќе бидеме, како што и се случи. Функционираме добро како екипа, секако дека има простор за напредок бидејќи е почеток на сезоната и верувам во уште подобри игри како што ќе одминува времето“, истакнува Палевски.