Тинекс Пролет состави квалитетен тим за новата натпреварувачка сезона во Супер-лигата, но клубот паралелно со тоа инвестира и во младинската школа и во пониските возрасни категории. Во тој правец, денеска беа потпишани договори со пет нови ракометари, перспективни играчи кои доаѓаат во нашиот клуб од редовите на Мулти Есенс.
Станува збор за:
Давид Младеновски, 18-годишен лев бек
Стефан Велков - 17-годишен среден бек
Дамјан Димитриевски - 18-годишно лево крило
Андреј Ниновски - 18-годишно десно крило
Алек Алексовски - 18-годишен лев бек.
Петмината ракометари до лани го носеа дресот на Мулти Есенс, а летово доаѓаат да го засилат Тинекс Пролет. Планот предвидува тие да се развиваат преку младинските категории, но и да тренираат со првиот тим, во обид да се наметнат кај тренерот Лембанов кој веќе се покажа како стратег што е подготвен да даде шанса на млади и перспективни ракометари.
Стефан Велков беше дел од тимот на вчерашниот меч со Еурофарм Пелистер 2 на турнирот во Прилеп (победа од 22-12).
Со овие трансфери, Тинекс Пролет уште еднаш покажува грижа за младинските категории и за иднината на македонскиот ракомет, како клуб кој секогаш акцент става на домашните играчи во тимот.