Тинекс Пролет забележа победа од убедливи 28-38 на гостувањето против градскиот ривал Скопје, во првиот контролен натпревар што нашиот тим го одигра како дел од подготовките за новата сезона. Тренерот Лембанов за овој меч ги немаше на располагање кадетските репрезентативци Стојановски и Димковски, како и Николовски и Додевски, кои поради повреда не беа во можност да настапат. Сепак, и во отсуство на овие четири првотимци Тинекс Пролет одигра квалитетен меч во кој триумфот воопшто не беше доведен во прашање.
Особено импресивни беа првите триесет минути од играта на избраниците на тренерот Лембанов, кои целосно доминираа на теренот и на одмор заминаа со предност од 12-19. Очекувано, двајцата тренери им дадоа шанса на сите ракометари, но Тинекс Пролет целосно го контролираше резултатот, заслужено стигнувајќи до победа изразена со „плус десет гола разлика“.
Ова е одличен старт на подготовките за новата сезона. Тимот ќе продолжи со тренинзи во Скопје, а следните контролни натпревари ќе ги игра на турнирот „Миле Нешкоски“ во Прилеп, каде ќе се сретне со Еурофарм Пелистер 2, Мулти Есенс и со финскиот прволигаш Кокс.