Младинците на Тинекс Пролет го освоија четвртото место на фајналфор турнирот што се одржа во Богданци, откако нашите млади ракометари и покрај големата борба претрпеа порази на двете средби, најпрвин со Бутел, а потоа и со домаќинот Младост. Голем успех беше остварен со самиот пласман на овој фајналфор и елиминацијата на големиот фаворит Мулти Есенс, но на тој натпревар двајца наши ракометари заработија незгодни повреди, што се одрази на играта и резултатите на фајналфор турнирот во Богданци.
Тинекс Пролет во полуфиналето се сретна со скопскиот ривал Бутел. Мечот беше максимално цврст, со добра игра во одбраната на двете страни, а на крајот на триумф се радуваа „бутелци“, со конечни 20-22. Во мечот за третото место нашите млади ракометари се сретнаа со Младост Богданци, меч во кој домаќините беа подобри на теренот и заслужено славеа со 31-26.
Со добрите игри на овие два натпревари, нашиот ракометар Дамјан Георгиев беше избран за најдобро десно крило на овој завршен турнир.
Нов шампион на Македонија во младинска категорија е тимот на Голден Арт, кој во големото финале го совлада Бутел со резултат 31-27.