Процесот на подмладување на екипата на Тинекс Пролет максимално го користи Томислав Димковски, кадетскиот репрезентативец на Македонија кој сериозно се наметнува и на сениорски план. Тренерот Лембанов му искажува голема доверба на младиот бек, кој максимално ја оправдува со добри партии во дресот на Тинекс Пролет.
„За мене како млад ракометар е од исклучителна важност што играм стандардно во дресот на Тинекс Пролет, што ми помага за уште поголем развој. По заминувањето на тројцата поискусни ракометари од тимот ни беше најавено дека ќе добиваме посериозна минутажа, тоа се случува во вториот дел од сезоната и дефинитивно е добредојдено за нас помладите. Имам тренер што верува во мене, поискусните соиграчи се секогаш тука со совети за нас помладите. Пролет е вистинскиот клуб за мене, мислам дека солидно одговарам на задачите од стручниот штаб и се надевам на уште подобри партии во иднина“, вели Томи Димковски.
Тинекс Пролет одигра одлични 50 минути, но за жал падна во завршницата против Алкалоид, губејќи го овој натпревар од скопскиот ривал. Серијата тешки натпревари продолжува и денеска, со дуелот на домашен терен против Еурофарм Пелистер (19 часот, сала „Македонско Сонце“).
„Против Алкалоид покажавме дека можеме да играме и целосно да парираме на екипа што атакува на највисок пласман. Иако сме подмладени во вториот дел од сезоната, демонстриравме дека можеме да играме ракомет на највисоко ниво без оглед на противникот. На крајот пресуди подолгата клупа и Алкалоид славеше во финишот, но ваквите партии само уште повеќе ни ја зголемуваат самодовербата, како за финишот од сезоната, така и за предизвиците што ќе го очекуваат Тинекс Пролет во новиот шампионат. Денеска се среќаваме со Еурофарм Пелистер, уште еден тим со највисоки амбиции. Наша цел е да одиграме најдобро што знаеме, да бидеме фокусирани од првата до последната минута и доколку ни се укаже можност - да го изненадиме фаворитот“, истакнува Димковски.