Тинекс Пролет повторно покажа квалитет и карактер, успевајќи да ремизира со 23-23 на гостувањето против Тиквеш. Откако освоивме бод во салата „Јасмин“ во Кавадарци и во првиот дел од Супер-лигата, вечерва повторно стигнавме до идентичен исход, овојпат успехот е уште поголем ако се земе во предвид дека Тинекс Пролет во плејофот влезе со значително подмладен состав, по заминувањето на дел од клучните ракометари на почетокот од годинава. Сепак, тренерот Лембанов и неговите избраници по триумфот над Охрид, уште еднаш покажаа дека со максимална фокусираност и ангажман можат да ги замрсат сметките на екипите кои атакуваат на излез во ракометна Европа.
Тиквеш беше нешто подобар ривал на самиот почеток од натпреварот, поведувајќи со 1-0 и 3-1, потоа десетина минути успевајќи да ја одржува предноста што се движеше меѓу „плус еден и плус два“ за кавадарчани. Тинекс Пролет успеа да израмни на 6-6, а потоа пред крајот на полувремето и целосно да го сврти резултатот во своја полза, со пет гола во низа кои негативата од 8-7 ја претворија во прдност од 8-12, за на одмор да се замине со предност од 10-13 со голот што го псотигна капитенот Ласко Андоновски.
Јасно беше дека ќе следи жестока битка до самиот крај, Тиквеш успеа да се врати резултатски, па и да победе со 18-17. Домаќините извесен период делуваа сигурно во нападот, но тоа се промени откако на голот застана Петковски, кој со неколку одлични интервенции ги исфрли од ритам избраниците на Данило Брестовац. Тиквеш имаше предност од 23-21, но тогаш пресуден беше карактерот на Тинекс Пролет, па со голот на Андоновски и проектилот во последната минута на Александар Василевски стигнавме до заслужен бод на овој натпревар.
Андоновски и Василевски со по шест гола беа најефикасни во таборот на Тинекс Пролет во Кавадарци, четири погодоци постигна Пецаковски, а три пати прецизен беше Доне Мајнов.