Тинекс Пролет не успеа да ја забележи и втората победа во ракометниот плејоф откако загуби на домашен терен од Еурофарм Пелистер 2 со резултат 25-26. Падот на концентрацијата во првите десетина минути од второто полувреме се покажа како клучен фактор, бидејќи во овој период битолчани успеаја да создадат предност што ја сочуваа до самиот крај ,а подмладениот состав на Тинекс Пролет и покрај обидите, не успеа со камбек да стигне до нова победа.
Давор Палевски го отвори натпреварот со гол во првиот напад за Тинекс Пролет, по што скопскиот суперлигаш во неколку наврати имаше водство од по два погодоци. За последен пат со 6-4, по што следеше криза во играта на Тинекс Пролет и голем пресврт на Еурофарм Пелистер 2, за водство на битолскиот клуб од 6-9. Александар Василевски, кој беше најдобар поединец со пет гола во првото полувреме, ја прекина мини-серијата на противникот со гол од девет метри, по што следеа и два брзи погодоци на Палевски за израмнување на 9-9. До крајот на полувремето се играше израмнет ракомет, Еурофарм 2 и со играч помалку постигна два гола и поведе со 12-14, за Димковски да ги постави конечните 13-14.
Василевски со два гола на стартот од второто полувреме донесе пресврт и кратко водство на Тинекс Пролет, по што повторно дојде до криза во играта на домаќините. Еурофарм Пелистер 2 знаеше како да го искористи тоа и поведе со 15-18, по што следеше тајмаут на тренерот Лембанов. Василевски даде два гола по тајмаутот, но Пролет се мачеше да влезе во ритам, а гостинските ракометари го контролираа резултатот, па на десет минути до крајот на семафорот стоеше 20-23. Избраниците на Лембанов неколку пати дојдоа до „минус два“, а преку Димов на помалку од две минути до крајот намалија на 25-26, при овој резултат имаше и напад за израмнување, но битолчани се одбранија и на крајот стигнаа до минимална победа.
Александар Василевски со десет гола беше најдобар поединец на овој натпревар, четири гола постигна капитенот Ласко Андоновски, а по три пати прецизни беа Палевски и Тотиќ.