Тинекс Пролет стигна до првата победа во плеј-офот откако во петото коло по голема борба славеше над Охрид со резултат 27-26. Младиот состав на Тинекс Пролет даде се од себе за да го следи темпото на гостинскиот тим и на крајот успеа да стигне до голем триумф.
Натпреварот почна во изедначена игра на двете страни. Одбраните доминираа, а првиот гол за Пролет го постигна Александар Василевски дури во четвртата минута израмнувајќи на 1-1. Силните одбрани беа главна одлика на двата тима, а по десет минути резултатот на семафорот беше (4-4). Гостите од Охрид за првпат врзаа три гола во низа па во четиринаесеттата минута поведоа со (4-7), што го запали „црвениот аларм“ кај тренерот Лембанов кој го повика првиот тајм-аут. Тајмаутот на Лембанов вроди со плод, па со два гола во низа тимот од скопската населба намали на само минус еден (6-7) во 19. минута.Гостите успеаја набрзина да стигнат до плус четири (6-10), по што следеше неверојатен пад. Пролет успеа да направи неверојатна серија од 8-3 и на пауза да замине со минимална предност од 14-13.
Избраниците на Лембанов одлично го отворија и второто полувреме и по четири минути стигнаа до највисоките плус три (17-14). Во продолжение домашниот тим успеваше да ја држи разликата од три гола, се до 45. минута кога Охрид за првпат во второто полувреме успеа да израмни (21-21). Во последните десет минути натпреварот влезе во егал 23-23. Двата тима постигнаа по три гола што значеше дека во последните шеесет секунди се влезе со резултат 26-26, а гостите имаа напад за победа. Охриѓани направија грешка, по која останаа 20 секунди за последен напад за домаќините. Последниот напад го реализираше капитенот Ласко Андоновски кој донесе голема победа за Пролет (27-26).
Александар Василевски со девет гола беше убедливо најдобар поединец во таборот на Пролет, додека кај Охрид Гал Цицар постигна седум гола.