Тинекс Пролет оствари огромен успех откако успеа да триумфира во својата група од Купот на Македонија, во финалето славејќи над Еурофарм Пелистер 2 со резултат 30-26. За разлика од вчерашното полуфинале со Голден Арт во кое долго време се мачевме да влеземе во ритам, вечерва Тинекс Пролет одигра извонредно, на моменти имаше и огромни осум гола предност и апсолутно заслужено се најде на Ф4 завршницата. Успехот е уште поголем ако се знае дека на почетокот од јануари Џонов, Аларов и Јагуриновски си заминаа, но и со значително подмладен состав успеавме да го оствариме овој одличен успех.
Првото полувреме од вечерашното финале мина во израмнета игра во која гостите имаа контрола над резултатот. Тинекс Пролет сепак влезе во ритам во вистински момент, поведе со 11-10 и потоа фуриозно го заврши полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 14-12. Битолчани даваа отпор само со 16-15, по што Тинекс Пролет со серија од четири погодоци успеа посериозно да се одлепи, трасирајќи си го патот до триумфот.
Одбраната на чело со Петковски функционираше одлично, значајни погодоци постигна десното крило Димов, а во нападот непроценливо беше искуството на капитенот Ласко Андоновски. Гостите од Битола се обидоа да сторат нешто повеќе, но долго време не успеваа да најдат одговор за одбраната на Тинекс Пролет, па нашиот тим го зголеми водство, најпрвин до 24-17, а неколку минути подоцна и до 26-18.
Победникот беше решен, па во финишот дојде до мал пад на концентрацијата во нашите редови, што гостите го искористија да намалат до конечни четири гола разлика, во ниту еден момент не доведувајќи го во прашање заслужениот триумф на Тинекс Пролет.
Мартни Димов беше најефикасен со седум постигнати гола, еден помалку постигна Пецаковски, а по четири пати прецизни беа Додевски и Палевски.