Тинекс Пролет не успеа да стигне до бодови ниту во третото коло од ракометниот плејоф откако нашиот тим по голема борба загуби од Алкалоид со резултат 27-21. Младиот состав на Тинекс Пролет даде се од себе за да го следи темпото на домашниот тим, кој составен од голем број на репрезентативци сепак беше преголем залак за избраниците на тренерот Лембанов.
Алкалоид подобро го отвори натпреварот и со трите погодоци на Младеновиќ поведе со 3-0. Дејан Пецаковски го постигна првиот гол за Тинекс Пролет намалувајќи на 3-1, по што следеше период на подобра игра на нашиот тим и израмнување на 4-4. Домаќините набрзо се консолидираа и поведоа со 7-4, по што го контролираа резултатот до самиот крај на полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 12-9.
Како што одминуваше времето во второто полувреме, така и предноста на домаќините растеше, а нашиот млад тим загуби здив во обидот да му парираа на скопскиот ривал. Алкалоид поведе со 20-13, Тинекс Пролет повторно влезе во мини-серија и намали на 21-17, но домашниот состав подобро го приведе мечот до крај, триумфирајќи со конечни „плус шест“.
Капитенот Андоновски и кадетскиот репрезентативец Димковски беа најефикасни со по четири погодоци, а по три гола на денешниот меч постигнаа Додевски и Пецаковски.