Рапсодија во зелено: Убедлива победа над Тиквеш за сигурно второ место во групата (24-19)

Тинекс Пролет забележа нова огромна победа во рамките од Супер-лигата, на домашен терен декласирајќи го Тиквеш со резултат 24-19. Со овој триумф, избраниците на Алексо Лембанов се одлепија на второто место во групата, зацементирајќи си го овој пласман, веднаш зад Еурофарм Пелистер, со пренесување на значајни бодови во плејофот. Одличната форма на тимот беше потврдена со уште едно беспрекорно издание против директен ривал за висок пласман,уште една потврда за квалитетот на Тинекс Пролет оваа натпреварувачка сезона.

Тинекс Пролет одлично го отвори натпреварот, поведувајќи со 3-0 по само три минути игра. Аларов беше стрелец на првиот гол, а веднаш потоа по исклучувањето на Петровиќ, домашниот состав даде два гола во празна мрежа преку Џонов и Јагуриновски. Тиквеш успеа да се приближи откако Џонов беше исклучен, по што кавадарчани стигнаа до 5-4, но гостинскиот состав во ниту еден момент од првиот дел не стигна до израмнување. Грубата игра на гостите придонесе тие во еден момент да имаат двајца играчи помалку на теренот, а Тинекс Пролет тоа умешно го искористи за повторно резултатски да се одлепи. При резултат 10-6 гостинскиот тренер Брестовац побара тајмаут, неговиот тим само за момент се приближи, но Тинекс Пролет подобро го заврши полувремето и на одмор замина со водство од 13-9, по головите на Василевски и на Андоновски во самата завршница.

Второто полувреме почна исто како и првото, со гол на Михаил Аларов, по што блесна и голманот Михаљевиќ со две извонредни интервенции. Пецаковски погоди од седум метри за 15-9 по изнудениот пенал и исклучување на Џонов, а неколку минути подоцна Аларов биеше прецизно за „плус седум“ за Тинекс Пролет (18-11). Ниту новиот тајмаут на Брестовац не промени ништо од случувањата на теренот, домашните ракометари продолжија да доминираат, поведувајќи со 22-13 на девет минути до крајот. Триумфот беше осигуран, што придонесе да дојде до мало опуштање во таборот на Тинекс Пролет, па Тиквеш успеа барем малку да се приближи и овој натпревар заврши со конечни 24-19.

Михаљевиќ бранеше извонредно на овој натпревар, Михаил Аларов беше одличен во нападот постигнувајќи шест погодоци, Иван Џонов беше пет пати прецизен, додека Јагуриновски и Пецаковски го завршија мечот со по четири постигнати гола.
 

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести