Тинекс Пролет забележа уште една рутинска победа во во скопските пресметки од првата фаза од Супер-лигата, славејќи на домашен терен над Голден Арт со резултат 27-21. Доколку овој ривал ни создаде проблеми во рамките од првото коло, тоа вечерва не беше случај бидејќи избраниците на Лембанов одиграа квалитетен натпревар во кој целосно го контролираа резултатот и не дозволија победата во ниту еден момент да биде доведена во прашање.
Цврстата одбрана беше заштитен знак на нашиот тим во првото полувреме, особено во првите петнасетина минути во кои тотално го исфрливме од ритам противникот, што резултираше со убедливо водство од 9-3, нешто подоцна и 10-4. Како што одминуваше времето во првиот дел, така Тинекс Пролет губеше на сигурност во нападот, што гостите го искористија за сериозно да се приближат. Лембанов побара тајмаут при 12-10, Василевски ја прекина серијата на противникот, но сепак на одмор се замина со само два гола предност, по погодокот што гостите го постигнаа во последните секунди (13-11).
Советите на Лембанов на полувремето вродија со плод бидејќи на самиот старт од вториот дел Тинекс Пролет заигра како во почетните минути од првото полувреме. Одлично функционираа и нападот и одбраната, па по серијата од 5-1 предноста експресно скокна на 18-12. Тинекс Пролет не застана, туку продолжи да доминира на теренот, поведувајќи и со девет гола предност (25-16). Лембанов во финишот ги повлече првотимците и им даде шанса на помладите ракометари, кои рутински го приведоа мечот до крај, добивајќи го со конечни 27-21.
Ласко Андоновски одигра капитенски и со седум гола го предводеше Тинекс Пролет во оваа победа, по пет погодоци постигнаа Јагуриновски и Пецаковски, а по три пати прецизни беа Аларов и Димов.
Тинекс Пролет во следното коло ќе гостува во Битола на тимот на Еурофарм Пелистер 2, директен ривал во битката за второто место во групата и пренесување на што повеќе бодови во плејофот.