Во таборот на Тинекс Пролет владее разочарување што одличното издание против Еурофарм Пелистер не беше крунисано и со земање на скалпот на актуелниот вицешампион на Македонија. Избраниците на Алексо Лембанов имаа водство од пет гола (21-16) на десетина минути до крајот, но не успеаја да го издржат темпото што го наметнаа и на крајот претрпа минимален пораз.
„Секако дека жалиме што не стигнавме до подобар резултат, бидејќи тоа е нешто што го заслуживме со прикажаната игра.. Цели 50 минути бевме подобар противник, создадовме пет гола предност, но за жал и тоа не беше доволно. Еден од клучните моменти беше тоа исклучување на капитенот Ласко Андоновски, по кое го загубивме ритамот во нападот, а Еурофарм успеа да даде три гола во низа за кратко време и да се врати. Во финишот и среќата ни го сврте грбот, оној последен шут на Аларов заврши во дирекот и на крајот незаслужено го загубивме натпреварот. Морам да потенцирам, и покрај разочарувањето од конечниот резултат, од нашето издание против Еурофарм Пелистер можат да се извлечат бројни позитивни работи. Секако дека ќе работиме уште напорно во иднина и ќе бидеме уште подобри, но она што е клучно е дека со ова издание на сите во клубот им станува јасно дека сме сериозен тим што може да се надева и на поголеми дострели“, вели Лембанов.
Следен противник на Тинекс Пролет ќе биде екипата на Голден Арт, меч што ќе се одигра в сабота во салата „Македонско Сонце“.
„Голден Арт е тим што ни создаде сериозни проблеми на мечот во првото коло што сепак успеавме да го добиеме. Верувам дека сме во добра форма, квалитетот е на наша страна и со еден вистински пристап од првата до последната минута ќе дојдеме до резултатот што го посакуваме“, истакнува тренерот на Тинекс Пролет.