Штета: Одлична партија и пропуштена шанса за победа над Еурофарм Пелистер

Тинекс Пролет има за што да жали откако денешното одлично издание против фаворитот Еурофарм Пелистер не беше наградено и со позитивен резултат. Дури и без репрезентативецот Џонов (паузираше поради повреда) Пролет одигра одличен меч, а останува тагата што предноста од пет гола (21-16) на нешто повеќе од десет минути до крајот не беше задржана до самиот крај, па нашиот тим претрпе незаслужен пораз.

Битолчани нешто подобро влегоа во мечот, стигнаа до водство од 0-3 и 1-4, но Тинекс Пролет јасно стави до знаење дека нема намера да се предаде. Ласко Андоновски го постигна првиот гол за нашиот клуб на натпреварот, потоа два пати прецизен беше и Аларов,по што се врати самодовербата во нападот на Тинекс Пролет, па се стигна и до израмнување од 8-8. При овој резултат Јагуриновски не погоди за водство, по што Еурофарм Пелистер со нови три гола во низа повторно поведе со 8-11. 

Михаљевиќ бранеше одлично на овој натпревар, црногорскиот голман спречи зицер, нешто подоцна постигна и гол од својот шестерец, враќајќи го целосно во ритам составот на Тинекс Пролет. При резултат 11-11 беше досуден пенал за гостите што го одбрани Петковски, а на спротивната страна Палевски биеше прецизно во последните секунди од полувремето и на одмор се замина со водство на скопскиот суперлигаш од 12-11. 



Тоа даде уште поголем ветер во грб на стартот од второто полувреме, па со новите два гола на Аларов Тинекс Пролет поведе со 14-11. „Пелистерци“ се вратија и израмнија на 15-15, но Тинекс Пролет возврати со два погодоци во низа и ново водство од два гола (17-15). Храбриот Јагуриновски погоди за 18-15 и изнуди исклучување, а Михаљевиќ блесна со уште една извонредна интервенција, запирајќи зицер од контранапад на Костески. Лембанов побара тајмаут во 46. минута при водство на Тинекс Пролет од 18-16, по што следеа нови два гола преку Пецаковски и Палевски, за најубедливи пет гола предност за нашиот тим (21-16). 

Битолчани се приближија со 21-19, но нивната мини-серија со гол ја прекина Ласко Андоновски. Веќе во следната минута капитенот Андоновски заработи исклучување, а Еурофарм Пелистер го искористи тоа, израмни на 22-22. „Пелистерци“ стигнаа до предност од 22-24, што Пролет ја намали, но за жал последниот шут за израмнување на домаќините, оној на Аларов од десетина метри заврши само во дирекот од голот на битолчани.

Михаљевиќ бранеше одлично и имаше 14 успешни интервенции и еден постигнат гол, додека во нападот најефикасен беше Аларов со пет гола, пред Палевски со четири и Василевски, Пецаковски и Димов со по три погодоци.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести