ИН МЕМОРИАМ: Почина легендата на Пролет и прв селектор на Македонија, Славе Атанасовски - Чаве

Ракометното семејство на РК Пролет, но и македонскиот ракомет воопшто, завиени во црно откако денеска на 77-годишна возраст почина легендата на Пролет и прв селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, Славе Атанасовски – Чаве.

Атанасовски, кој е роден 1945 година во Скопје, својата играчка кариера ја почнува во редовите на Партизан, а во РК Пролет доаѓа од Борец Велес настапувајќи како играч на позицијата среден бек. 

Минува една полусезона само како ракометар, но набрзо потоа ја добива и улогата на тренер-играч во Пролет, во која одлично се снаоѓа. Пролет под водство на Атанасовски игра одличен, атрактивен ракомет, а неколку сезони во периодот од 1975 до 1978 година е многу блиску и до влез во Првата сојузна лига на Југославија, голема желба на сите во клубот која за жал остана неостварена. 

Пет сезони, во периодот на независна Македонија, беше тренер и на младинската школа на Тинекс Пролет, успевајќи да извлече одлична генерација од која до ден денеска боите на клубот ги бранат Иван Џонов и Михаил Аларов, а дел од тој младински тим на Пролет беше и сегашниот голман на Вардар и на македонската репрезентација, Мартин Томовски.

Славе Атанасовски - Чаве е и првиот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија. Под негово водство во 1993 година Македонија го одигра првиот официјален репрезентативец натпревар на меѓународен турнир во Романија. На клупско ниво беше тренер на повеќе македонски клубови. Во својата кариера, Атанасовски беше селектор и на женската репрезентација на Грција.

Пребарување

Табела

Поз.ЕкипаБ
1Алкалоид22
2Вардар20
3Е. Пелистер18
4Охрид16
5Бутел12
6Тиквеш11
7Пролет10
8Прилеп9
9Куманово6
10Струга4
11Борец3
12Радовиш1

Најнови вести

Архива на вести