РК ПРОЛЕТ НИЗ ГОДИНИТЕ...

ПОСИЛЕН ОД ПРОБЛЕМИТЕ, КЛУБОТ ОД НАСЕЛБАТА ПРОЛЕТ СТИГНА И ДО РАКОМЕТНА ЕВРОПА
Ракометниот клуб Пролет е формиран во истоимената скопска населба, која е изградена по Втората светска војна. Населбата Пролет веднаш се промовирала како расадник на спортски таленти, беа стартувани клубови во карате, кошарка, екипа во мал фудбал, потоа пинг понг, за свое место на спортската мапа на ова спортско друштво да обезбеди и ракометниот клуб.
Една од легендите на населбата Пролет вели дека приказна почнува кога група на деца играат фудбал на трева, по што Ѓорѓи Коробар – Чиче им забележува дека не е убаво да се гази тревнатата површина. Тие одговараат дека немаат каде да играат, по што се отвора дискусија од која произлегува идејата за формирање и регистрирање на ракометен клуб што би го носел името на општината, а напоредно со тоа и изградба на ракометен терен во дворот на Основното Училиште „11 Октомври“.
Најзаслужни за формирањето на ракометниот колектив се Гоце Стефановски, кој речиси целото свое слободно време од формирањето на клубот, па до крајот на животот му го посвети на ракометниот спорт, потоа Вангел Коловски, кој кај своите ученици всади љубов кон овој спорт, како и Владо Миљовски – Брле, кој ги воведуваше во тајните ракометниот спорт како учениците на „УО 11 Октомври“, така и учениците на средните училишта.

Ракометниот клуб Пролет е формиран од страна на младинците Душко Јордановски – Чиче, Станимир Младеновиќ – Чвор, Јани Валчинов – Бапка, потоа Ѓорѓи Коробар – Чиче, Перо Георгиевски, Мице Јордановски, Ристо Перчинов, Гоце Стефановски, Киро Симоновски, Вангел Коловски и други...

Првите дресови биле во црна и во сина-бела боја, натпреварите биле играни на набрзина изграденото игралиште (црвеница) во дворот на „11 Октомври“. Првите дресови ги обезбедил Ѓорѓи Коробар – Чиче, а првиот амблем на клубот бил дело на голманот Владимир Костовски – Коска.

На почетокот РК Пролет се финансирал од доброволни прилози во населбата и во градот. Воочувајќи ја ситуацијата во која се наоѓа клубот во првата натпреварувачка сезона, градскиот ракометен сојуз на предлог на Драгослав Лазиќ го ослободил од плаќање на судиско такси. Првата натпреварувачка сезона во 1962 година РК Пролет ја мина во скопската зона, каде во турнирски систем не успеа да обезбеди влез во Првата републичка лига, губејќи од Работнички.
Желбата да се биде дел од републичката лига е исполнета во сезоната 1964/65, во која Пролет го освојува првото место со гол-разлика 94-56, на огромна радост на навивачите во оваа скопска населба. Младоста и неискуството е причина овој клуб да испадне од републичката лига и да се пресели во Источната зона, каде во сезоната 1967/68 Пролет го освојува првото место и повторно се враќа во републичкото натпреварување.

Во сезоната 1969/70 тимот на Пролет го освојува одличното трето место во Првата републичка лига, зад Пелагонија од Битола и Партизан од Гевгелија. Дресот на РК Пролет во таа сезона го носат: Јовановски, Трајковски, Кокалаков, Василевски, Г. и М. Ивановски, Кизов, Атанасовски, Трпчевски, Пејчиновиќ, Костовски, Миљовски, Темелковски, Томовски, Чаволи, Јордановски и Поповски.

Од оваа сезона почнува напредокот на РК Пролет, за кој значајна улога има прославениот ракометар Славе Атанасовски – Чаве, со чие преземање работите тргнаа во позитивна насока за нашиот клуб. 
РК Пролет со Атанасовски во тимот го освојува третото место со 31 бод, што значи и влез во Втората сојузна лига. Покрај Чаве клучна улога во тимот одиграа и Душко Јордановски – Чиче, Ристо Трпчевски – Буцо и Љуан Чаволи – Лули, а подоцна на РК Пролет му се приклучуваат и млади и талентирани ракометари како Драги Здравковски – Ангор, Стефанчо Коруновски – Стеванка, Предраг Атанасовски – Перо-зуб и Слободан Торомановски – Бобико.
Во првата второлигашка сезона РК Пролет го освојува петтото место, зад Партизан Белград, Железничар Ниш, Пик Апатин и Потисје од Ада.

Во 1972 година нашиот клуб за првпат настапува во Ракометниот Куп на СФРЈ за територија на Македонија, каде успева да го совлада Тиквеш со 15-13. Потоа Пролет на држано ниво игра со Динамо Панчево, губејќи на гостувањето во Србија со 24-19.

Во овој период дресот на РК Пролет со голем успех го носи Илија Темелковски, играчот кој одби неколку понуди од клубови ширум Југославија и остана дел од нашиот тим се додека имавме амбиции да се бориме за влез во елитата. Штом тоа од објективни причини повеќе не беше возможно, Темелковски решава да се пресели во редовите на Железничар Ниш.

Сезоната 1973/74 ја завршуваме на четвртото место, а оваа сезона ќе остане запаметена како последна во играчката кариера на Душко Јордановски – Чиче, кој беше дел од клубот од самото формирање, а подоцна ја имаше и улогата на претседател што максимално одговорно и професионално ја извршуваше. Во наредната сезона Пролет води жестока борба за влез во елитата, но успева да стигне само до третото место, зад Вардар и Борац од Урошевац. На чело на РК Пролет и оваа сезона беше професорот Душко Филиповски со својот помошник (истовремено и играч) Ристо Трпчевски – Буцо.
За одбележување е и големата победа во финалето од југословенскиот куп за територијата на Македонија во 1975 година, во кое пред преполните трибини на теренот на РК Југ во населбата Мичурин го совладавме Вардар.Се прават напори за влез во Првата сојузна лига, но откако не се успева во тоа, во 1977 година си заминуваат дел од клучните играчи како Темелковски, Коруновски, Киразиев. На нивно место доаѓаат нови млади ракометари како Огњановски, Тотиќ, Миркуловски и Ѓоргов, екипата го освојува осмото место во својата прва заедничка сезона, стигнува и до финалето од југословенскиот куп за територијата на Македонија, но таму губи од Работнички.

Во 1979 година поради менување на системот на натпревари Пролет игра квалификациски турнир во Светозарево, но не успева да се пласира во Втората сојузна лига, па мора да се натпреварува во новоформираната меѓурепубличка лига. Голема битка водеа нашите ракометари за во 1980 година да направат чекор напред, ја ззавршија сезоната со ист број бодови како и Металург, но градскиот ривал поради подобра гол-разлика се пласираше во Втората сојузна лига.

Од 1976 па се до сезоната 1983/84 екипата ја води (воедн о е и играч, освен последните две сезони) Драги Здравковски – Ангор. Потоа тој заминува во Грција и станува прв македонски стратег што тренира ракометна екипа во странство.

Во еден момент РК Пролет испадна и од Првата републичка лига, но успева да се врати во сезоната 1990/91.

По осамостојувањето Пролет се пресели во понизок ранг на натпреварување бидејќи не обезбеди пласман меѓу првите четири екипи во Првата републичка лига. Сепак, со напорна работа се изборивме клубот да влезе во елитното друштво, чиј дел сосема заслужено е во последните години. Притоа, РК Пролет три пати обезбедува и учество во европските купови, во Челинџ-купот во 2009 и во 2012 година, како и во ЕХФ Купот во 2018 година.